Регистрација за ENGAGE 2019

Регистрација за ENGAGE 2019

Младински образовен форум и Радио МОФ ве покануваат на осмото издание на ENGAGE – Kонференција за социјален активизам. Со 10 говорници, 300 гости во публика и видео-пренос, ENGAGE и оваа година ќе обезбеди едукација, интеракција и инспирација за индивидуалци, групи и организации чија цел е да го подобрат општетството во кое живееме.

На 18 мај (сабота) 2019 со почеток од 12:00 часот, во Кино Култура – Скопје, по осми пат, домашни и странски активисти ќе споделат знаења и искуства на теми поврзани со граѓанска ангажираност, активизам на јавен простор, слобода на говор, социјална правда, животна средина, човекови права, права на животни, култура и можностите за граѓанска мобилизација. Преку ENGAGE, МОФ и Радио МОФ се стремат да го подигнат нивото на информираност кај граѓаните, нивната присутност и активно делување, како онлајн така и во физичкиот простор.

Годинава, говорници на ENGAGE ќе бидат претставници на ПЕТА, светската организација за заштита на животни со над 6 милиони членови и поддржувачи. Тие ќе зборуваат за односот на луѓето и животните, но и за своите акции пред кои никој не останува рамнодушен. Енди Батентие, ко-организатор на маршевите против климатски промени во Париз и дел од жолтите елеци, на ENGAGE 2019 ќе ја раскаже приказната на младите Французи што се дел од последните социјални и еколошки движења во оваа земја. Од соседна Србија, доаѓаат Јелена Анасоновиќ и Миодраг Симовиќ од движењето #1od5milliona, како организатори на масовните антивладини протести што ја тресат земјата. Тие ќе зборуваат за тоа како и само еден човек може да започне протести на кои ќе излезат милиони луѓе.

Меѓу говорниците на ENGAGE 2019 се и Ирена Ристиќ, од #НеБидиЃубре која сака нашата земја да стане најчистата земја во светот, Симона Димковска и Мартин Анастасовски од Културно Ехо ќе говорат за потенцијалот на напуштените простори и активистот Виктор Мазнев кој својот дом го направи прифатилиште за напуштени кучиња во Велес. Никола Јовановски ќе презентира за македонското #FridaysForFuture, а хероитe од Специјална олимпијада Радован Петровиќ и Горјан Стојковски ќе го споделат своето искуство од Светските олимпски игри на Специјалната олимпијада 2019. На конференцијата доаѓаат и Haus of Fauché, првиот дрег колектив во Скопје, чија цел е забава и едукација низ уметноста. Листата на говорници сѐ уште не е затворена, stay tuned!

Регистрацијата за настанот е отворена на овој ЛИНК, а можност за учество ќе имаат првите 200 пријавени учесници за конференцијата. Сите информации за ENGAGE можете да ги најдете на веб страницата на конференцијата engage.mk.

Во изминатите осум години ENGAGE стана еден од најголемите собири за поединци и заедници во нашата земја и тоа е единствениот настан за активизам кој е организиран континуирано секоја година. Настанот нуди место за дискусија, иновација, креативност, зајакнување и развој во нашето општество и отвора дебата за статусот на слободата, правдата и еднаквоста, човековите права, младинските прашања и развојот на модерната демократија.

Овогодинешниот Engage е еден од серијата настани со кои ќе се одбележи 20 годишнината на Младински образовен форум.

Конференцијата е поддржана од National Endowment for Democracy, а е организирана од Младински образовен форум и Радио МОФ.

Share this:

Leave a Reply