MakeDox 10

MakeDox 10

Десет лета „МакеДокс

„Македокс“ не е само филмски фестивал. „Македокс“ е искуство. Тука се збираат различни светови, прегрнати од ѕидовите на вековечниот Куршумли-ан – безвременско место изградено за размена на добра и идеи, во срцето на Старата скопска чаршија, од 21 до 28 август.

Кога ќе поминете низ портата, нема да влезете само во анот. Вие сте внатре во срцето на фамилијата „МакеДокс“. На прастарите камења лежат стотици дипли полни приказни. Криви превисоки скали, еден тон сеќавања, неописливо чувство на припадност, детска смеа, кучешки лаежи, пеењето на оџите, музика додека чекаме зајдисонце, диво зеленило надвиснато од покривот, првите ѕвезди во ноќта и првите сончеви зраци додека нè зазорува среде бесконечни муабети, многу љубов и смеа, бебиња, лубеници, турски чај, нови средби и врски, пријателства… Се среќаваме и на ачик ставаме што имаме да размениме и споделиме. Под смоквиното дрво паѓаат крупни, моќни зборови, а ноќните приказни се чинат бескрајни. Сето ова станува едно пред платното со креативни документарни филмови, под отворено небо.

„МакеДокс“ значи една сила од мноштво човечки енергии и филмаџиски визии за светот во кој живееме. „МакеДокс“ го движат љубовта кон луѓето и вербата во нив.

Тука несебично се отвора еден нов свет за публиката и одново се раѓа радост кај сите што придонеле во десетлетното постоење на овој фестивал. Креативните документарци нè водат на места каде што човек ретко може да појде. Тие се спој на нашиот копнеж за бегство од овој свет и живеење во нечиј друг свет, таму некаде…

Нашиот симбол, кромидот, е баш како документарните филмови. Овие десет години и нашата приказна растеше во слоеви. Од еден слој во друг, се откривавме себеси и светот околу нас. Тамам ќе помислевме „толку е“, се појавуваше уште еден, нè чекаше уште едно откривање. Радосни сме што и овој слoj е само предвесник на сè што ќе очудуваме заедно со вас. Кромидот е нашето сонце, силата што нè носи напред.

Во животот постојат нешта што не треба да се испуштат.

Десеттото златно издание ќе ви прикаже 70 креативни документарни филмови, од кои девет македонски филмови, со осум национални премиери.

Оваа година, за првпат, благодарение на Current Time TV, ќе биде доделена парична награда за најдобриот студентски филм. Ќе се оддржи и првиот МакеКоПроДокс форум за регионална копродукција на документарни филмови поддржан од Канцеларијата на Креативна Европа – Медиа во Скопје и Агенцијата за филм на Македонија.

Секако, ќе лупиме и златни слоеви од работилници, мастерклас, две изложби, разговори под смоква, концерти и магични ноќи под ѕвезди.

Ги очекуваме вашите насмевки и енергија во Кино Милениум, Кино Фросина во Младинскиот Културен Центар, Чифте амам, Даут пашин амам и секако во Куршумли ан.

Јубилејното издание на МакеДокс е поддржано од: Агенција за филм на Република Северна Македонија, Креативна Европа – МЕДИА, Националната фондација за демократија од Вашингтон (НЕД), Институт Јунус Емре, Гете-институт, Француски институт во Скопје, Амбасада на Швајцарија во Северна Македонија, Италијанска амбасада Скопје, Амбасада на Република Чешка во Скопје, Чешки центар Софија, Град Скопје, Амбасада на Република Словенија Скопје, Currrent Time TV.

Share this:

Leave a Reply