Тренинг: Вовед во изградба на мир: mir – paqe – мир 2019.

Тренинг: Вовед во изградба на мир: mir – paqe – мир 2019.

Центар за ненасилна акција (ЦНА), Сараево-Белград

Акција за ненасилство и изградба на мир (АНП), Гњилане-Приштина

Мировна акција (MA), Прилеп-Тетово

ве повикуваат да се пријавите за тренингот

Вовед во изградба на мир: mir – paqe – мир 2019.

10.– 19. 05. 2019. Крушево, Македонија

(работни јазици: албански, македонски, босански-хрватски-српски-црногорски)

Доколку живеете во Македонија, Косово или Србија:

  • имате повеќе од 21 година (горна граница не постои, ова не е само тренинг за млади, и вие со 40, 50,.. 80,.. сте повикани да се пријавите)
  • не сакате да живеете во страв и недоверба
  • би сакале да дознаете како размислуваат вашите соседи и сметате дека јазичната и национална различност не смеат да бидат причина за отсуство на комуникација
  • не сакате да се чувствувате лошо кога некој ги негира луѓето од друга националност, етникум или вера или воопшто, луѓето кои по нешто се разликуваат од мнозинството, а вие не знаете како да му одговорите
  • знаете дека се случува насилство, дека некои луѓе немаат слобода на движење или говор, дека се некои луѓе дискриминирани, ама не знаете како да реагирате и што можете да направите околу тоа
  • немате желба да бегате од земјата или да се подготвувате за следна војна
  • сте слушнале, или сте и самите убедени дека поединецот може да делува врз општеството и да го менува, но ви се потребни некои вештини, нови сознанија и поддршка за делување
  • сакате да работите (пред се) врз себе и за сопствена промена…

тогаш ве повикуваме да се пријавите на петтиот тренинг Вовед во изградба на мирот: mir – paqe – мир 2019.

 Рок за пријави: 21.04.2019. година

Тренингот пред нас се потпира врз искуството на организациите ЦНА, АНП и Мировна акција, кои на различни начини работат на изградба на мирот на просторите на поранешна Југославија, што нам ни беше од голема помош во конципирањето на работилниците. Идејата за тренингот Вовед во изградба на мир се формираше од потребата посебно внимание да се посвети на разбирањето на контекстите во Косово, Македонија и Србија, како и создавање на простор за меѓусебно запознавање, рушење на предрасудите, разбирање на конфликтите и поставување на основа за понатамошна соработка и изградба на мир и покрај постоењето  на јазичните бариери. Ве повикуваме заедно да размислуваме околу тоа што можеме да направиме за да општествата во кои живееме ги направиме помалку насилни и помалку поделени. Ве повикуваме да општествената промена ја започнеме од самите нас.

Со учество на тренингот добивате прилика да научите како да ги препознаете клучните политички и општествени проблеми во своите општества, како и идеи и инспирација како активно да се вклучите во нивното  решавање. Исто така, добивате прилика да учествувате во размена на искуствата и мислењата со учесниците/чките од соседните земји, како и со своите сограѓани/ки од различни етнички групи, и да го направите првиот чекор кон разбивање на дистанците помеѓу нас.

Како изгледа тренингот Вовед во изградба на мир?

Работата на тренингот не значи седење и слушање на долги предавања. Тоа не е ниту можност за пасивно примање на знаење и стекнување вештини, ниту собир наменет за разубавување на биографиите на учесниците/чките. Ова не е ни место за добивање на волшебни рецепти, ниту учење на модели кои само треба да се применуваат.

Тренингот е место и простор за разменување, рефлексија и саморефлексија, критичко преиспитување, вредносни и идејни несогласувања, вежбање на дијалог со неистомисленици/чки. Можност за работа врз себе чија цел е да придонесе кон промените на општествено ниво.

Се работи за интензивна деветодневна програма која бара висок степен на мотивација од учесниците/чките и нивна спремност активно да учествуваат во процесот на работење. Секој ден е поделен на два работни блока/работилници, претпладневен и попладневен во траење од 3,5 часа. Тренерскиот тим кој е составен од 5 члена задолжен е за подготовка и водење на работилниците. Но, од спремноста на самата група отворено да разговара и да придонесува со лични искуства и увиди зависи конечниот квалитет на тренингот.

На тренингот ќе работиме на теми како што се насилство, разбирање на конфликтите, соочување со минатото, креативна разработка на конфликти, улога на половите во општеството, идентитет и национален идентитет, различности, дискриминација.

Во зависност од интересите и потребите на групата на овие теми можат да се додадат и некои други. Во работата се користат различни методи на интерактивна работа – пленарни дискусии, работа во мали групи, искуствени вежби, анализа на печатен и видео материјал, играње улоги…

Работни јазици на тренингот се македонски, албански, српски, босански, хрватски и црногорски. Ќе биде обезбеден консекутивен превод (албанско-македонски, албанско-српски, во двата правци) преведувачите/ките ќе бидат присутни за целото време на работилниците. Од нашето децениското искуство во водење регионални тренинзи имаме увид дека македонскиот јазик е разбирлив на учесниците кои се служат со српски, хрватски, босански и црногорски, како и дека учесниците кои зборуваат само македонски добро ги разбираат наведените групи јазици. Затоа одлучивме да не ангажираме и преведувач од македонски на други словенски јазици туку само на албански. Сакавме да го сведеме бројот на преведувачи/ки на неопходен минимум, затоа што поголем број луѓе кои не се ни учесници ни тренери а присуствуваат на работилниците може значително да влијае врз динамиката и фокусираноста на групата. Англискиот јазик не е работен јазик на овој тренинг но можеме со него да се служиме опционо. Во секој случај, ќе се користиме со сите можни средства за подобро да се разбереме.

Што уште е важно да се знае пред пополнување на прашалникот?  За учество на тренингот потребно е задолжително да одвоите полни девет дена. Доколку не сте во можност да учествувате сите девет дена ве советуваме да не се пријавувате овој пат. Важно е пред пополнување на прашалникот внимателно да го прочитате целиот повик, за да добиете јасна слика што овој тренинг значи. Потсетуваме – тренингот за изградба на мир не е можност за одмор, ниту за платена екскурзија. Програмата е интензивна и бара посветеност, а висока мотивација на учесниците/чките за работа е важен критериум при одбирање на пријавите. Досегашното искуство говори дека за секој тренинг се пријавуваат многу повеќе учесници/чки од предвидениот број места во една група (18). Имајте во вид дека во процесот на селекција тренерскиот тим се води според различни критериуми – јасна мотивација, рамномерна географска, полова, старосна, професионална застапеност. Затоа внимателно пополнете ја пријавата и одговорете на сите прашања.

Технички и логистички информации:

Тренингот ќе се одржи во Крушево (Македонија) од 10.05 до 19.05.2019 година. За сите учесници/чки ќе биде обезбедено сместување во двокреветни соби, со доручек, ручек и вечера. Трошоците за сместување, храна, пат и потребни материјали за работа ги покриваат организаторите. Ве молиме при изборот на начинот на патување да одберете најекономични видови транспорт бидејќи нема да бидеме во можност да покриваме патувања со авион и такси, како ни автомобил доколку со него не патуваат најмалку две особи.

Ден за доаѓање во Крушево е 10.05.2019. Ден за заминување е 19.05.2019.

Работна сатница:

09.30–13.00 Предпладневна работилница (со пауза од 20 минути)

13.00–16.30 Пауза за ручек и одмор

16.30–20.00 Попладневна работилница (со пауза од 20 минути)

Принцип на пријавување:

Доколку сакате да учествувате во оваа програма, Ве молиме да го пополнете прашалникот (кој се наоѓа на овој линк) најдоцна до 21.04.2019 година.

 Заради големиот број пријави кои ги очекуваме, не сме во можност да ги повикаме сите заинтересирани, туку мораме да направиме избор од пристигнатите пријави. Ќе бидат одбрани 18 пријави. За резултатот на изборот ќе ве известиме до 26.4.2019.

Ве молиме приложениот прашалник исцрпно да го пополните бидејќи тој ни е главен извор во процесот на одлучување и избор на апликации.

Дополнителни информации ќе ви проследиме по изборот на пријавите.

Срдечно,

Тренерски тим

Албулена Карага, Мировна акција

Неџат Исмајли, АНП

Боро Китаноски, Мировна акција

Ненад Вукосављевиќ, ЦНА

Катарина Милиќевиќ, ЦНА

Контакт: paqe-mir-2019@nenasilje.org

Share this:

Leave a Reply