Повик за асистенти за поддршка на ромската заедница

Повик за асистенти за поддршка на ромската заедница

Фондацијата Отворено општество – Македонија заедно со своите партнери Здружението Центар за образовна поддршка Дендо вас и Фондацијата за образовни и културни иницијативи Чекор по чекор објавува повик за ангажирање на околу 30 асистенти за поддршка на ромската заедница во: Скопје, Гостивар, Куманово, Прилеп, Делчево, Велес, Тетово, Неготино, Ресен, Штип, Битола, Кочани, Дебар и Кичево. Повикот се објавува во рамки на проектот РЕДОВНО НА ЧАСОВИ: Акција за вклучување на Ромите во основното образование кој е финансиран од Европската Унија. Проектот има за цел да обезбеди стипендии за вклучување што поголем број деца Роми во основното образование и да ги мотивира редовно да ја следат наставата и да се запишат во следните одделенија, како и да обезбеди поддршка на училиштата да ги трансформираат училниците во една поинклузивна средина за учење каде ќе се почитува различноста и каде сите деца ќе се чувствуваат добредојдени и подеднакво стимулирани да успеат. Времетраењето на проектот е до октомври 2022 година. Повеќе информации можете да најдете на следниот линк.

Работни задачи и обврски на асистентите за поддршка на ромската заедница

Проектот обезбедува поддршка на ромската заедница преку ангажирање на асистенти, кои одблизу ќе соработуваат со ромските семејства и училиштата при идентификувањето на децата кои се надвор од образовниот систем, нивно запишување во училиштата, редовно следење на наставата и успешен премин во следните одделенија, како и активно учество во едукативна кампања за придобивките од образованието. Поконкретно, асистентите:

  • Ќе присуствуваат на обука на која детално ќе се презентираат обврските/активностите на асистентите, насоките за нивно спроведување и формите на известување;
  • Ќе помогнат при идентификувањето деца кои се надвор од образовниот систем, ќе ги упатат родителите на постоечките процедури и барања и ќе им помогнат во пополнувањето на пријавите за упис во училиште;
  • Одблизу ќе соработуваат со семејствата на десетина ученици-стипендисти од прво одделение, ќе ја евидентираат нивната редовност во училиштето и преминот во следните одделенија и за тоа ќе го информираат проектниот тим;
  • За целото времетраење на проектот се обврзани да направат по 12 посети на семејството/училиштето на детето;
  • Ќе учествуваат во спроведување на едукативна кампања во ромската заедница и организација на 20 едукативни средби со локалните институции и родителите;
  • Ќе присуствуваат на 3 координативни состаноци со цел размена на искуства и научени лекции со останатите асистенти;
  • Ќе поднесуваат месечни наративни извештаи и ќе водат евиденција за работното време и спроведените активности во тековниот месец;
  • Ќе бидат во контакт со проектниот тим на Дендо вас и редовно ќе информираат за тековните активности, ново настанатите ситуации или предизвици;

Оптималната бројка со која ќе соработува асистентот изнесува 10 деца/семејства по асистент. Во периодот од февруари до септември 2020 се очекува дека асистентите ќе имаат активен ангажман од околу 50 дена (со пола работно време). Најголем интензитет на активностите ќе има за месеците февруари, март, мај, јуни и септември 2020 година. Склучениот договор ќе важи до 30 септември 2020, со можност за продолжување на ангажманот во втората и третата проектна година. Висината на хонорарот ќе зависи од бројот на деца /семејства.  Оттука, доколку асистентот соработува со 10 деца/семејства за извршената работа предвидено е да се исплати месечен хонорар во просек од 130 евра (бруто).

Пријавување на повикот

Можност за пријавување на повикот за асистенти имаат:

  • Лица со минимум средно образование, кои се државјани на Република Северна Македонија;
  • Лица кои знаат да работат на компјутер (Word и Excel).

Потребни документи за пријавување:

  • Свидетелство за завршено средно или диплома за високо образование;
  • Кратка биографија – максимум 2 страници.

Предност при селекцијата ќе биде дадена на:

  • Активисти, претставници на граѓанскиот сектор или ромската заедница кои имаат искуство на образовни проекти или проекти за инклузија на ромската заедница;
  • Лица кои го познаваат ромскиот јазик.

Потребните документи за пријавување треба да се испратат електронски на dendo_vas@yahoo.com и redovnonacasovi@fosm.mk најдоцна до 26 јануари 2020 година.

Share this:

Leave a Reply