Повик за изразување на интерес на млади кои сакаат да бидат дел од Гаранцијата за млади

Повик за изразување на интерес на млади кои сакаат да бидат дел од Гаранцијата за млади

Министерството за труд и социјална политика заедно со Агенцијата за вработување на Македонија и Националниот младински совет на Македонија започнуваат со реализација на проектот Гаранција за млади. Гаранција за млади е активна мерка за вработување на млади лица која  се спроведува во државите од Европската Унија од 2012 година. Македонија ја имплементира оваа програма во пилот фаза која започнува во 2018 година.

Доколку сте заинтересирани за вклучување во Гаранцијата за млади пополнете ја оваа форма и теренските работници од вашата општина ќе ве контактираат.

Гаранција за млади ќе овозможи во период од четири месеци од денот на евиденција во Агенција за вработување на Република Македонија на млади лица квалитетна понуда за вработување, континуирано образование и обука, или практиканство. Во оваа пилот фаза за имплементација на програмата се вклучени општините од г. Скопје, општина Струмица и општина Гостивар. Оваа мерка е отворена за сите млади лица на возраст до 29 години кои се невработени и веќе го завршиле своето образование (средно училиште или факултет).

Во секоја од општините (Град Скопје, Струмица и Гостивар) кои се вклучени во имплементацијата се ангажирани по двајца теренски работници кои имаат основна задача да им ја претстават Гаранцијата за млади на младите лица и да им го помогнат процесот да пристапат до Агенцијата за вработување.

Кариерните советници од Агенцијата за вработување, врз основа на искуството на младите лица кои ќе се пријават, заедно со нив ќе ја изберат онаа мерка која е најсоодветна за нив. Кариерните советници од Агенцијата за вработување и теренските работници поминаа низ процес на учење составен од обуки за кариерен развој на млади како и учење за добрите практиките со кои Европските држави се служеле во текот на имплементацијата на програмата. Поради оваа причина, младите лица кои се заинтересирани за вклучување во оваа програма може да се обратат директно до теренските работници кои понатаму ќе ги упатат до соодветниот центар за вработување.

Доколку ве интересира процесот на имплементација на Гаранција за млади во земјите членки на Европската Унија можете да најдете повеќе информации на следниот линк http://europa.eu/youth/lu/article/37/32248_mk

За дополнителни информации или за да пристапите до теренските работници, обратете се на info@nms.org.mk

Проектот „Гаранција за млади“ се спроведува од Министерство за труд и социјална политика, Агенција за вработување на Македонија и Националниот младински совет на Македонија, а е финансиски поддржан од Швајцарската амбасада во Скопје.

Share this:

Leave a Reply